Човечката смеа е надвор од Божјата радост

Опции за стихови

Дали вашиот дух ви дава јасна дистинкција помеѓу радост и потсмев? Дали знаете дека празни смешки се плод на оној дел од срцето кој не е исполнет со Оној кој умрел за нас?

  • Евреите 5:14 — „А тврдата храна е за зрелите, за оние кои преку употреба ги извежбале своите сетила да распознаваат и добро и зло.“
  • 1 Јованово 4:1 — „Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите дали се од Бога; зашто многу лажни пророци излегоа во светот.“
  • 1 Јованово 4:6 — „Ние сме од Бога: оној што Го познава Бога нѐ слуша; оној што не е од Бога не нѐ слуша. По ова го познаваме духот на вистината и духот на заблудата.“

Дали вашите смешки Го радуваат Бога? Дали Го радуваат Духот Божји? Знаеме дека тагата со покајанието Го радува Бога; но дали смешките Го радуваат? Ако да, кои смешки? Дали точно го знаете нивниот карактер? Јас сум сведок дека не го знаете, и затоа ви го пишувам ова.

  • 2 Коринтјаните 7:10 — „Зашто тагата по Бога создава покајание кон спасение, за кое нема жалење; а тагата на светот создава смрт.“
  • Лука 15:7 — „Ви велам дека така ќе има поголема радост на небото за еден грешник што се кае, отколку за деведесет и девет праведници на кои не им треба покајание.“
  • Лука 15:10 — „Исто така ви велам: има радост пред Божјите ангели за еден грешник што се кае.“

Не се лутете, просудувајте преку Духот Кој Бог ви го дал да распознавате вистина од лага: Дали вашите смешки се исполнети со крвта на Божјот Син што ја пролеал за вас? Дали кога се шегувате ја носите тежината на крстот? Зашто јас за себе знам дека кога нешто ми тежи многу, тешко ми е да се шегувам, а таа шега да не биде цинично мрморење. Дали ви тежи крстот кој Му тежел на Исус и којшто ве повикува да го носите?

  • Лука 9:23 — „И им рече на сите: Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го зема својот крст секој ден и нека Ме следи.“
  • Лука 14:27 — „И кој не го носи својот крст и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик.“
    Зашто без крстот лесно е да се шегуваме. Па и од овие зборови лесно ќе направиме шега. Ама јас сакам вие да се спасите, а не да се препирам со вас поради забава — ова мене не ми е забавно, туку ми е страдање кое не сакам да го носам освен ако морам заради вашето спасение. Затоа ислушајте, зашто со љубов ви зборувам:

Во црквата Божја не треба да има „смешки“. Царството Божјо и евангелието не се „смешни“. Шеги, мајтапи и зафрканции од овој дух нема во небесното царство — едноставно не постојат.

  • Ефесјаните 5:4 — „Ниту непристојност, ниту безумно зборување, ниту шегување, кои не прилегаат; туку подобро благодарење.“
    Таму има чиста радост во Бога.
  • Римјаните 14:17 — „Зашто Божјото царство не е јадење и пиење, туку праведност, мир и радост во Светиот Дух.“
  • Псалм 16:11 — „Ќе ми го покажеш патот на животот: во Твоето присуство има полнота од радост; од Твојата десна страна има наслади довека.“
    А радоста што ја имаме во Бога е купена преку маката и страдањето на Божјиот Син. Ќе правиме ли смешки сега бидејќи Синот Божји умрел за нас? Смеата на нашите лица која потекнува од радоста во Бога и смеата од смешките кои си ги приуштаме се изразуваат со целосно различна физиономија: едната е гнасна, другата е света. И тоа многу изразито се познава кога ќе се стават една до друга; како што се познава лицето на волкот од лицето на јагнето, или лицето на змијата од лицето на гулабот.

Под „смешки“ овде не мислам на чистата радост и насмевка што доаѓаат од Бога, туку на празната смеа што ја буди и храни несериозноста. Не ви ја забранувам радоста — напротив, ве повикувам на неа. Забраната е за она што ја заменува Божјата радост: празните смешки, шегите и зафрканциите што ја хранат несериозноста. Радувајте се секогаш во Господа; но не ја мешајте светата радост со празната смеа.

  • Филипјаните 4:4 — „Радувајте се секогаш во Господа; и пак велам: Радувајте се.“
  • 1 Солунјаните 5:16 — „Радувајте се секогаш.“
  • Ефесјаните 5:4 — „Ниту непристојност, ниту безумно зборување, ниту шегување, кои не прилегаат; туку подобро благодарење.“

Не дека во небото нема смеење. Има, и тоа многу. Има и тука на земјата кај оние од нас кои сме во Бога. Но дали го разбирате кој вид на смеење постои таму на небото? И кое смеење имаат светиите?

  • Лука 6:21 — „Блажени сте вие кои сега гладувате, зашто ќе се наситите. Блажени сте вие кои сега плачете, зашто ќе се смеете.“
  • Псалм 16:11 — „Ќе ми го покажеш патот на животот: во Твоето присуство има полнота од радост; од Твојата десна страна има наслади довека.“
    Малите деца го разбираат и го познаваат тоа смеење. Дали на вашите шеги малите деца се смејат, или се смејат оние кои не се преродиле како мали деца? Дали вие сте мали деца? Дали вие сте ја поминале болката која ве оспособува за таа смеа која малото дете ја разбира?

Дали воопшто можеме да смислиме некоја шега или смешка која го прославува крстот на Господ? Пробајте. Како звучи таа?

Успеавте ли да смислите?

Дали се вакви шегите кои секојдневно го правите?

Јас не мислам дека се.

За да си ја насмеете душичката за кратко, Божјиот Дух да се тажи? Па нели ве наговестува Исус да си ја замразите душата своја за Него? Зошто не ја замразите?

  • Јован 12:25 — „Кој го сака својот живот, ќе го загуби; а кој го мрази својот живот во овој свет, ќе го зачува за вечен живот.“
  • Лука 14:26 — „Ако некој дојде кај Мене, а не ги мрази татка си и мајка си, жена си и децата, браќата и сестрите, да, и својот сопствен живот, не може да биде Мој ученик.“
    Доста си ја радувате душата ваша за земни задоволства кои го затупуваат небесниот апетит. Подобро е за вас да ја одбегнете шегата и да си ја растажите душичката поради вашата грешност, и со тоа да го зарадувате Светиот Дух — зашто е напишано дека за еден грешник кој се кае, целото небо се радува.
  • Јаков 4:8–10 — „Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас. Исчистете ги рацете, грешници; и очистете ги срцата, вие со поделено срце.
    ⁹ Бидете нажалени, тажете и плачете; вашата смеа нека се претвори во тага, а вашата радост во жалост.
    ¹⁰ Смирете се пред Господа, и Тој ќе ве возвиши.“
  • 2 Коринтјаните 7:10 — „Зашто тагата по Бога создава покајание кон спасение, за кое нема жалење; а тагата на светот создава смрт.“
  • Лука 15:7 — „Ви велам дека така ќе има поголема радост на небото за еден грешник што се кае, отколку за деведесет и девет праведници на кои не им треба покајание.“
  • Лука 15:10 — „Исто така ви велам: има радост пред Божјите ангели за еден грешник што се кае.“

Со која гордост се шегуваме? Памтите дека грешникот кому му беше тешко дури и небото да го погледне од срам поради својата грешност отиде оправдан?

  • Лука 18:13–14 — „А цариникот, стоејќи подалеку, не сакаше ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше во градите, велејќи: Боже, биди милостив кон мене, грешникот.
    ¹⁴ Ви велам, овој човек слезе во својот дом оправдан повеќе од другиот; зашто секој што се возвишува ќе биде понижен, а кој се понизува ќе биде возвишен.“
    Дали на тој човек од параболата му беше до шегување? Дали на Стефан му беше до шегување пред да го каменуваат?
  • Дела 7:54–60 — „Кога го чуја ова, беа пресечени во срцето и чкртаа со забите на него.
    ⁵⁵ Но тој, исполнет со Светиот Дух, погледна цврсто кон небото и ја виде славата Божја, и Исус како стои од десната страна на Бога,
    ⁵⁶ и рече: Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога.
    ⁵⁷ Тогаш извикаа со силен глас, ги затнаа ушите и еднодушно се нафрлија врз него,
    ⁵⁸ и го исфрлија надвор од градот и го каменуваа; а сведоците ги положија своите облеки кај нозете на еден млад човек, по име Савле.
    ⁵⁹ И го каменуваа Стефан, додека тој Го повикуваше Бога и велеше: Господи Исусе, прими го мојот дух.
    ⁶⁰ И клекна, и извика со силен глас: Господи, не им го сметај овој грев. И кога го рече ова, заспа.“
    Дали на Павле во текот на неговото мисионерство?
  • 2 Коринтјаните 11:23–28 — „Христови служители ли се? Зборувам како безумен — јас сум повеќе: во трудови поизобилно, во удари прекумерно, во затвори почесто, многупати во смртни опасности.
    ²⁴ Од Јудејците петпати примив четириесет удари без еден.
    ²⁵ Трипати бев тепан со прачки, еднаш бев каменуван, трипати претрпев бродолом, една ноќ и еден ден поминав во длабочината;
    ²⁶ често на патувања, во опасности од води, во опасности од разбојници, во опасности од моите сонародници, во опасности од незнабошците, во опасности во градот, во опасности во пустината, во опасности на морето, во опасности меѓу лажни браќа;
    ²⁷ во умор и мака, често во бдеења, во глад и жед, често во постења, во студ и голотија.
    ²⁸ Покрај она што е однадвор, секојдневно ме притиска грижата за сите цркви.“
    Дали на сиромавиот Лазар му беше до шегување додека кучињата го лижеа?
  • Лука 16:20–21 — „А имаше еден сиромав човек, по име Лазар, кој лежеше пред неговата порта, полн со рани,
    ²¹ и копнееше да се насити со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; а и кучињата доаѓаа и му ги лижеа раните.“
    Дали на апостолите им беше до шега откако сите до еден го напуштија и го оставија на јудејците да го распнат?
  • Марко 14:50 — „И сите Го оставија и избегаа.“
    Дали на Петар му беше до шега кога три пати се одрече од Оној Кој одеше да умре за него?
  • Лука 22:61–62 — „И Господ се сврте и погледна кон Петар. И Петар се сети на зборот Господов, како му беше рекол: Пред да запее петелот, трипати ќе се одречеш од Мене.
    ⁶² И Петар излезе надвор и горко плачеше.“
    Шегите, смешките, зафрканциите, потсмевот, празното хуморизирање се од мрзлив дух. Таквиот дух не сака да биде активен во страдањата — не ја бара болката на вистината. Зашто вистината навистина носи ослободување, да; но преку нож го носи. Преку болно отсечување.
  • Јован 8:32 — „И ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“
  • Евреите 4:12 — „Зашто Божјото слово е живо и моќно и поостро од секој меч со две острици, и пробива до разделувањето на душата и духот, на зглобовите и срцевината, и ги распознава мислите и намерите на срцето.“
    Не преку задоволство. Туку преку тага и болка, преку страдање и самооткажаност, преку мачење на душичката своја, не давајќи ѝ го она кое е научена да го посакува, бидејќи е дете на гревот. Не бидете „нежни“ ниту „милостиви“ ниту „трпеливи“ во душичката своја. Разведете ја за Христа. Разменете ја за Духот кој го оживува телото.
  • Римјаните 8:13 — „Зашто ако живеете според телото, ќе умрете; но ако преку Духот ги умртвувате делата на телото, ќе живеете.“

Во шегата нема покајание. Во зафрканциите нема покајан дух. Тие ја забавуваат старата душа — душичка како што народно се вели, или телесниот човек — која сѐ уште не се покајала, ниту пак може да се покае. Немајте компромис со неа, зашто тоа е компромис со гревот — душата на гревот е сместена во нашето тело, но слабее кога не ја храниме и ја носиме до смрт — а „смешките“ ја хранат и ја враќаат во живот.

  • Римјаните 6:6 — „Знаејќи го ова: дека нашиот стар човек е распнат со Него, за телото на гревот да биде уништено, та отсега да не му служиме на гревот.“
  • Римјаните 8:13 — „Зашто ако живеете според телото, ќе умрете; но ако преку Духот ги умртвувате делата на телото, ќе живеете.“
  • Колосјаните 3:5 — „Затоа умртвете ги вашите членови што се на земјата: блудството, нечистотијата, неумерената страст, злата похота и лакомството, кое е идолопоклонство.“
  • Колосјаните 3:9 — „Не лажете се еден со друг, бидејќи го соблековте стариот човек со неговите дела.“
    Во „смешките“ нема Божја радост која доаѓа од дух што се кае; и Божјиот човек го гледа тоа. Го гледате ли вие тоа? Ако сте од Бога, видете го. Радоста што ја имаме во Бога е платена на крст — преку неизмерните страдања на Божјиот Син. Дали мислите дека тоа на Господ Му е „смешно“?

Пратете си го своето дете на крстот со намера да ги спасите оние кои го распнуваат, гледајте го како страда и умира пред вашите очи, не посегнувајте да го избавите, туку во надеж чекајте на воскресението кое му следува; тогаш прашајте се каков вид смеа би можел да произлезе во вас од таква сцена.

  • Римјаните 5:8 — „Но Бог ја покажува Својата љубов кон нас во тоа што, додека уште бевме грешници, Христос умре за нас.“
  • Римјаните 8:32 — „Оној Кој не Го поштеди Својот Син, туку Го предаде за сите нас, како нема со Него бесплатно да ни даде и сѐ друго?“

Сигурно не од типот на кој вие секој ден си приуштате. Дали мислите дека на Бога, на ангелите и на распнатиот Исус им е до вашите „смешки“, покрај цената што Тој ја плати за човечкиот грев и несериозност?

Божјата радост е поврзана со човечката тага. Исус бил Човек на болките, на страдањето и на тагата.

  • Исаија 53:3 — „Тој е презрен и отфрлен од луѓето; Човек на болки и запознаен со жалост; и како да ги криевме лицата свои од Него; беше презрен, и ние не Го ценевме.“
    Со тага гледал кон светот и кон грешниците за кои умира.
  • Лука 19:41 — „И кога се приближи, го виде градот и заплака над него.“
    Тој радоста Своја кон Отецот ја изразувал преку славопејни песни кон Бога, преку фалење на Бога во Псалми и благодарности во молитва.
  • Матеј 26:30 — „И откако испеаја химна, излегоа кон Маслиновата Гора.“
    До каква друга смеа би Му дошло на Јагнето Божјо кое врз себе ги зеде гревовите на светот?
  • Јован 1:29 — „Следниот ден Јован Го виде Исус како доаѓа кон него и рече: Еве Го Јагнето Божјо, Кое го зема гревот на светот.“
    Да се смее заедно со оние кои не му ги разбираат страдањата Негови? Каков заеднички хумор ќе најдат? На овој тоа што му е смешно на другиот му е тажно, и обратно. Затоа прашањето не е само дали нешто нѐ насмеало, туку од кој дух доаѓа таа смеа и кон што го води срцето.

Тоа што за Исус било патот кон радоста поставена пред Него, на учениците им претставувало ужас и тоа на кое се надевале учениците му претставувало ужас на Синот Божји.

  • Евреите 12:2 — „Гледајќи кон Исус, Зачетникот и Довршителот на нашата вера, Кој поради радоста што беше поставена пред Него го претрпе крстот, презирајќи го срамот, и седна од десната страна на Божјиот престол.“
    „Бегај од мене Сатано, бидејќи не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко“, била реакцијата на Исус кога Петар го одвратувал од патот на страдањето кој водел кон таа радост.
  • Матеј 16:21–23 — „Оттогаш Исус почна да им покажува на Своите ученици дека мора да оди во Ерусалим и многу да пострада од старешините, првосвештениците и книжниците, и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.
    ²² Тогаш Петар Го зеде настрана и почна да Го прекорува, велејќи: Далеку да биде тоа од Тебе, Господи; тоа нема да Ти се случи.
    ²³ Но Тој се сврте и му рече на Петар: Оди зад Мене, Сатано; ти си Ми соблазна, зашто не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко.“
    Како тие би разбирале на што таа била основана, кога радост за нив претставувало спротивното?

Што претставува вашата смеа? Радост или жалост на Христовиот Дух?

Како што е напишано, „тагата го подобрува срцето“.

  • Проповедник 7:3–4 — „Тагата е подобра од смеата; зашто преку тагата на лицето срцето станува подобро.
    ⁴ Срцето на мудрите е во домот на тагата; а срцето на безумните е во домот на веселбата.“
    Секоја „смешка“, затоа, е одбегнување на сериозноста на тагата која доаѓа од покајанието и од согледувањето на вистинската состојба во која се наоѓаме ние, светот и луѓето кои ги сакаме. Како може да бараме „соодветна смешка“ додека ние и другите кои ги сакаме умираат? А цело време околу нас умираат нашите ближни. Постојат ли краткотрајни „смешки“ кои можат да ни ја разиграат душичката за вечност? Затоа не барајте кратка смеа — туку барајте смеа која никогаш не згаснува, и која живее внатре во вас и не се присилува да излезе надвор, бидејќи е комотна во Невидливиот Бог. Ако еднаш се насмеете, не престанувајте со насмевката. А ако престанете, сменете ја смеата, бидејќи на радоста во Бога ѝ нема крај.
  • Филипјаните 4:4 — „Радувајте се секогаш во Господа; и пак велам: Радувајте се.“

А ако на некого не му е смешно тоа што вам ви е смешно — одма загрижете се и испитајте се: дали некој од вас двајца не ја разбира Божјата радост доволно добро; и направете сѐ што е во ваша сила која Бог ви ја дал, за да го запознаете или братот или себеси со Божјата радост, која или тој или вие не ја разбирате достојно.

Секогаш радувајте се во Бога, но никогаш не се зафркавајте — не правете шеги, не ја поттикнувајте човечката несериозност со ништо, зашто гревот ви е на прагот. Рикачкиот лав бара кого да проголта; овцата што не ја сфаќа опасноста од гревот сериозно сама се изложува на неговите заби.

  • 1 Петрово 5:8 — „Бидете трезвени, бдејте; зашто вашиот противник, ѓаволот, како лав што рика, оди наоколу барајќи кого да проголта.“
    Не мислете дека сте спасени — осигурајте се.
  • 2 Коринтјаните 13:5 — „Испитувајте се самите дали сте во верата; проверувајте се самите. Или не знаете самите за себе дека Исус Христос е во вас — освен ако сте отфрлени?“
  • 2 Петрово 1:10 — „Затоа, браќа, уште повеќе потрудете се да ги направите сигурни вашиот повик и избор; зашто ако го правите ова, никогаш нема да паднете.“
    А со несериозност никој не може да биде сигурен во ништо. Сериозноста и сигурноста одат рака за рака, како што одат тагата и Божјата радост, како што одат милоста и вистината. Вистината не е предмет за шега, а милоста не раѓа немарност, бидејќи е платена со многу страдање.
  • Римјаните 6:1–2 — „Што ќе речеме тогаш? Да останеме ли во гревот за да се умножи благодатта?
    ² Никако! Како ние, кои сме мртви за гревот, ќе живееме уште во него?“
    Ако сте немарни и несериозни, ја третирате жртвата на Господа како нешто мало.

Преку вашите шеги, кои вам ви претставуваат краткотрајна и безопасна смеа, Божјиот Дух се ожалостува, бидејќи тие ви го расипуваат срцето кое Бог дојде да ви го промени.

  • Ефесјаните 4:30 — „И не Го ожалостувајте Светиот Божји Дух, со Кого сте запечатени за денот на откупувањето.“
  • Езекиел 36:26–27 — „И ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ставам во вас; и ќе го отстранам каменото срце од вашето тело, и ќе ви дадам срце од месо.
    ²⁷ И ќе го ставам Мојот Дух во вас, и ќе направам да одите според Моите уредби; и ќе ги пазите Моите судови и ќе ги извршувате.“

Еве, како носител на Божјиот Дух, откако знам за својата грешност и за штетата која таа ја предизвикала и сѐ уште ја предизвикува, ми се стемнува пред очи: не ми ни дошло да си се „насмеам“ на некоја шега — туку огорчено гледам на мојата одвратност копнеејќи од дното на душата Бог целосно да ја отстрани од мене, и колку што е можно, последиците да ги ублажи за да можам да ги поднесам; и само тоа барам, и се повикувам на Бога да ми даде сила да го поднесам она што го допуштил да ми се случи. И како над сето тоа, уште и ги гледам ближните во гревот нивни, и го прават како да нема последици и како да не е зло, се тажам до смрт, гледајќи ја нивната смрт во која живеат. И кога не ми ги слушаат зборовите кои ги повикуваат да го остават гревот и да му се обратат на Бога, зарем преостанува некаков простор за шега? Секаков тип на шега во овој контекст би бил потсмев и смрт. А секогаш е истиот контекст — гревот е сѐ уште тука, крстот е сѐ уште тука, а насекаде околу нас има души што пропаѓаат. Зар вашата грешност не е одвратност во самите вас? Зарем вашите ближни немаат гревови? Зарем ве послушуваат кога ќе ги оттргнувате од гревот? Зарем не се наоѓате во истата мизерија како мене? Зошто тогаш си го поддигнувате духот со празни смешки? Тие не можат да ви го дигнат духот — туку напротив, целосно да ви го уништат.

Можеби некои мислат дека вашите шеги се детска игра. Но за да ги играте тие игри како децата што ги играат, треба навистина да сте деца. Дали сте преродени како малите деца, на кои им припаѓа царството небесно?

  • Матеј 18:3–4 — „И рече: Вистина ви велам, ако не се обратите и не станете како мали деца, нема да влезете во небесното царство.
    ⁴ Затоа, кој ќе се понизи како ова мало дете, тој е најголем во небесното царство.“
  • Матеј 19:14 — „Но Исус рече: Оставете ги малите деца и не бранете им да доаѓаат кај Мене; зашто на таквите им припаѓа небесното царство.“
    Дали сте чувствителни како децата што се? Дали сѐ сфаќате сериозно како децата што сфаќаат? Дали на секоја неправда сте осетливи? Дали моралните сетила ви се остри и недвосмислени? Детето си игра само со тие кои ги чувствува за ближни и пред кои чувствува безбедност. И детето не може да се опушти во играта ако не знае дека родителите го пазат. Тоа си игра секогаш под условот на нивното присуство и одобрување. Вие во црква не се познавате како детето што ги познава мајка си и татка си. Не сте ближни едни со други како детето што е ближно со оние со кои си игра.

И играта на детето секогаш е надгледувана од родителот. Дали вашите шеги, за кои вие мислите дека се детски игри, се секогаш надгледувани од Божјото Око — од вашиот Небесен Родител? Дали кога Бог ќе ви рече: „Ааа. Не! Не треба тоа така. Може да го повредиш брат ти. Не си играјте со остри предмети. Огнот може да изгори и да уништи“, вие го слушате гласот и дозволувате да се поучите од сведоштвото на Светиот Дух? Или правите она што вам ви е угодно во тој момент?

Никое дете не е оставено само да си игра. Дали вие сте оставени сами во игрите ваши кои ги нарекувате невини? Така се однесувате. Вие сами си диктирате што е невино, а што е виновно. Следите некој прирачник со позајмени стихови од Библијата, а Духот Божји сте го заборавиле. И затоа за доброто викате зло, а за вашето зло викате добро.

  • Исаија 5:20 — „Тешко на оние што злото го нарекуваат добро, а доброто зло; кои ја ставаат темнината за светлина, а светлината за темнина; кои го ставаат горчливото за слатко, а слаткото за горчливо!“

Децата немаат огорченост во игрите. Немаат циничност. Немаат незадоволство. Не се жалат кога си играат — не мрморат. Вашите шеги ја прикриваат горчината која не може да се скрие и покажуваат дека Божјата радост не живее во вас. Радувајте се вистински во Бога и нема да имате вештачка потреба од хумористичен стимул. Радоста во Бога нека ви биде полна. Потсмевачот нема место во Божјото царство бидејќи тој не ја разбира болката на братот кој загинува зашто и самиот тој е сѐ уште загубен. Потсмевот мрази болка; и кога болката е присутна, тој или бега, или ја брка — затупувајќи ги сетилата кои ја примаат. А без чувствителност кон болката нема сочувство — и без сочувство нема Свет Дух. Божјиот Дух не нѐ прави нечувствителни кон болката на братот што пропаѓа.

  • Галатјаните 5:22–23 — „А плодот на Духот е љубов, радост, мир, долготрпение, благост, добрина, вера,
    ²³ кротост, воздржливост; против таквите нема закон.“
  • Ефесјаните 4:32 — „И бидете љубезни еден кон друг, милосрдни, простувајќи си еден на друг, како што и Бог заради Христа ви прости.“
  • Римјаните 12:15 — „Радувајте се со оние што се радуваат, и плачете со оние што плачат.“
    А и најмалиот потсмев нѐ носи по тој пат.

Бог нѐ отповикува од дрзок потсмев дури и кон ѓаволот, бидејќи нема потсмев кој не е дрзок: Архангел Михаил не се осмелил против најголемиот хулник Божји да изрече хулна осуда, туку рекол: „Господ да те укори.“

  • Јуда 9 — „Но архангел Михаил, кога се препираше со ѓаволот и расправаше за телото на Мојсеј, не се осмели да изрече против него хулна осуда, туку рече: Господ да те укори.“
    Друг Дух работи во Божјото царство. И таму нема ни најмала дрскост.

Тагата го подобрува срцето, а „смешката“ служи да се избегне вистината и со тоа го расипува и нѐ зближува со лагата.

  • Проповедник 7:3–4 — „Тагата е подобра од смеата; зашто преку тагата на лицето срцето станува подобро.
    ⁴ Срцето на мудрите е во домот на тагата; а срцето на безумните е во домот на веселбата.“

Не се шегувајте; радувајте се во Бога преку тагата што води кон покајание — наместо да Го ожалостувате Бога со човечка смеа што бега од вистината.

  • 2 Коринтјаните 7:10 — „Зашто тагата по Бога создава покајание кон спасение, за кое нема жалење; а тагата на светот создава смрт.“
  • Ефесјаните 4:30 — „И не Го ожалостувајте Светиот Божји Дух, со Кого сте запечатени за денот на откупувањето.“

Тагата ја прифаќа вистинската состојба на човекот и го носи до ценење на крстот и кон Божја радост; а „смешката“ го одбива соочувањето со реалната мизерија на човекот и го носи во поголема мизерија и празнина.

  • Проповедник 7:2–4 — „Подобро е да се оди во дом на тага отколку да се оди во дом на гозба; зашто тоа е крајот на сите луѓе, и живиот ќе го земе тоа при срце.
    ³ Тагата е подобра од смеата; зашто преку тагата на лицето срцето станува подобро.
    ⁴ Срцето на мудрите е во домот на тагата; а срцето на безумните е во домот на веселбата.“
  • Јаков 4:8–10 — „Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас. Исчистете ги рацете, грешници; и очистете ги срцата, вие со поделено срце.
    ⁹ Бидете нажалени, тажете и плачете; вашата смеа нека се претвори во тага, а вашата радост во жалост.
    ¹⁰ Смирете се пред Господа, и Тој ќе ве возвиши.“

Јас не сакам да загубам никого од вас и најмалку од сѐ сакам да подучувам некого, кој е постар и поискусен од мене. Ама ова не е поука, туку е повик од љубов — и не е повик од некој возрасен со многу знаење, туку од мало дете кое го познава својот Небесен Татко, и копнее да не ги загуби своите браќа и сестри кои многу ги сака.

Comments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *