Зошто да се радуваме?
Бидејќи гревот веќе не господари над нас.
Зошто не може веќе да господари?
Поради благодатта што Бог ни ја дари во Исус Христос.
Римјаните 5:11 — „И не само тоа, туку уште сега се радуваме и во Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого сега го примивме ова помирување.“
Радоста доаѓа од помирувањето, бидејќи не стоиме под осуда, туку под благодат
- Римјаните 6:14 — „Зашто гревот нема да господари над вас, бидејќи не сте под Законот, туку под благодатта.“
Што значи ова?
- Гревот не треба да владее над нас. Зошто? Затоа што ние веќе не стоиме пред Бога како поданици на систем што бара од нас да заработиме оправдание; туку стоиме под благодатта — под Неговата сила и милост што нè оправдува и нè ослободува од казната на тој систем.
- Системот постои. Треба да се следи. Но ако се сопнеме, нема власн над нас. Единствена власт има кога своеволно избираме да го прекршиме — тогаш, отфрлајќи ја мислоста, ја примаме казната која ни следува без милост.
- Системот не може да се одбегне, но во едниот случај служи за наша осуда, во другиот случај за водич во доброто и предупредување пред злото.
Ваквата слобода ни дава реална сила да се спротивставиме на гревот и да живееме со надеж, а не со парализациски страв од осуда. Ние не ги негираме борбите; ниту стануваме бесконечно совршени преку сопствена волја. Ние живееме како луѓе што имаат некој Повереник кој ги држи: Исус Христос, Кој умрел за нас и не ни дал осуда, туку избавување. Затоа стравот да не паднеме не е крајна рамка на нашиот живот — тој е повик да се вратиме кон Него.
- Некои луѓе ја користат оваа слобода за да грешат уште повеќе. Таквите остануваат под осудата на системот — и системот, без милоста, ќе ја бара од нив казната која одсекогаш ја барал. Смрт.
Но нам, кои копнееме за избавување од гревот — кои сакаме да вршиме добро, а не можеме — таа милост со која Бог нѐ избави, умирајќи за нас, ни ја покажува Неговата неизмерна љубов кон нас и ни дава сила да не грешиме, затоа што знаеме дека гревот ни е простен; и секој нареден грев, бидејќи нема сила да нѐ осуди, служи само за наше оттргнување од него — ни покажува што останало во нас кое мора да се отстрани, ако сакаме да живееме во максимална хармонија со нашиот Господ, кој го сакаме зошто Тој нас прв нѐ засака. Наместо да се плашиме од осуда, ние се стремиме кон совршеност од љубов, доверба и благодарност, неплашејќи се дека, ако паднеме, со тоа сè е изгубено, и дека остануваме под осуда. Не живееме во страв дека ако згрешиме ќе умреме и дека нема Кој да нè зачува, затоа што Исус веќе умрел за нас и Тој не дошол да нè осуди и остави поради нашето грешење, туку да нè избави од него. И кога знаеме дека Тој е тука за да ни помага, тоа ни дава сила неуморно, како мали деца кога учат нешто ново кое сакаат да го прават, да се обидуваме, повторно и повторно, да не грешиме и да одиме кон таква совршеност каква што ја гледаме само во Христос. Охрабрени сме да одиме кон таа Божја совршеност и да живееме свет живот бидејќи Светиот е тука до нас, со нас и во нас, помагајќи ни како татко што му помага на своето дете да се изгради според неговата (татковата) волја.
Кога Го препознаваме Неговото присуство, тогаш и падовите не ни стануваат осуда, туку покана за враќање.
Значи, не стануваме совршени со наша сила, туку се потпираме на Бога бидејќи веруваме дека Тој е со нас, и со тоа, преку вера се предаваме на Неговата сила. Не живееме „во свој план“ и „само со свои напори“, туку со доверба и предавање го напуштаме нашето за да се изедначиме со Божјото. Не дозволуваме нашите замисли да нѐ оддалечат од Божјата волја. И затоа, наместо да замислуваме, и да пресметуваме со свои мерки, бараме активно што е Божја волја и кои се Божјите мерки.
А што ако?
А што ако не ни помогне? Што ако паднеме иако сме Му се предале?
Како може да паднеме ако Бог постои, е верен и ветил дека ќе нè држи?
Ако во самиот момент на искушението навистина останеме целосно предадени на Бога и зависни од Неговата сила, а сепак гревот би бил неизбежен, тогаш би значело дека Бог или не постои или не го исполнил Своето ветување да ни даде излез. Но Бог постои и е веродостоен. Затоа прашањето не е дали Тој ќе ни даде сила и излез, туку дали ние навистина Му веруваме.
Како може Бог да биде неверен на Своето ветување дека ќе нè сочува и ќе ни даде излез во искушението? Бог е веродостоен; и затоа проблемот не е дали Тој ќе ни даде сила и излез, туку дали ние ќе останеме предадени на Него и ќе го избереме излезот што ни го дава.
Не е лесно — од нас се бара да дадеме сѐ што имаме: Но сепак е возможно за секој кој е жив да даде сѐ од себе
Некој има повеќе да даде, некој помалку — но ако двајцата даваат сѐ од себе, Бог им го мери трудот и им го надополнува како Тој просудил дека е добро. Зарем Бог ќе го награди помалку оној кој има помалку да даде, ако дал сѐ што има? И зарем нема Бог да му ја одземе наградата на оној кој не дал сѐ од себе, ама сепак дал повеќе од оној кој дал сѐ од себе? Бог не мери по лице, туку по срце. Бог знае кој се труди со цела душа, тело, разум и срце, а кој дава со резерва.
Пасторот не ветува дека ќе нема ништо во животот што ќе ни биде тешко. Тој ветува да нè сочува и да нè изведе од секое искушение кое ни доаѓа на патот — и ќе му даде победа само на оној кој дава сѐ што има. Ако во моментот на борба застанеме целосно пред Него, се откажеме од лажната самовласт и ја довериме нашата слабост на Неговата сила, тогаш гревот не е неизбежност. Тој може да се избегне кога ние се потпираме на Бога целосно. Недостатокот никогаш не е во Неговата добрина, туку во нашата непостојаност.
Дали сме постојани?
Дали целосно се потпираме и даваме сѐ што имаме?
Затоа прашањето секогаш не е: „Ќе ми помогне ли Бог?“, туку: „Ќе Му верувам ли во тој момент?“. Бог е верен. Ние остануваме слободни да избереме дали ќе се потпреме на Него или на себе. Ако Го заборавиме и повторно почнеме да живееме независно, тогаш гревот добива простор. А секому кому му се доделува простор, се населува на тој простор.
Затоа падот ниту е крај, ниту извик за оправдување. Тој е аларм да го обновиме срцето: да не му оставаме место на никој друг освен на Христос како наш центар на сигурност.
Преродувањето почнува со вера
Значи, немаме изговор кога паѓаме — затоа што Бог не дозволува да бидеме искушувани без да ни обезбеди излез, а нам ни останува да го избереме патот на послушноста што Тој ни го отвора. Но дали ние во тој момент се потпираме на Него, целосно предадени, без да се свртиме кон себе и без да Го изгубиме од вид Оној Кој нè избавува?
Дали во секое време се потпираме на Бога, или од време на време Го забораваме како Оној од Кого зависиме?
Тој заборав — кога почнуваме да постапуваме независно од Него — е грев, затоа што нашиот Бог вели за Себе: „Јас сум љубоморен Бог“. Бог не сака ништо друго да го заземе Неговото место како средиште на нашата доверба, зависност и предавање. Ние можеме да работиме што било, но не без Него — како деца кои можат слободно да прават многу работи, но остануваат во близина на својот татко и зависни од неговото водство и грижа.
Ако во самиот почеток сè уште не сме поверувале дека Бог навистина нè прима и оправдува преку Христос и дека можеме целосно да Му се довериме, тогаш сè уште не сме влегле во новиот живот на верата. Не можеме да живееме Божја праведност додека во основата не Му веруваме на Оној од Кого ја примаме и Кој ја произведува во нас.
Преродувањето е чин на доверба: да Му се биде доверен на Бога, Кој е верен, спремен и способен да нè држи. Ако не Му веруваме на Христос дека е доволен, нашата смиреност останува површна и ќе продолжиме да бараме спас во сопствената сила. Тогаш, иако слушаме за благодатта, живееме како да не сме ја примиле.
Значи, преродувањето започнува со вера. Ако во самиот почеток сè уште стоиме во основно неверие — не веруваме дека Бог е верен и способен да нè држи, дека Христос е доволен и дека Бог навистина нè прима преку Него — тогаш сè уште не живееме како преродени луѓе, затоа што новиот живот започнува токму со доверба и предавање на Бога. Сè уште не сме влегле во новиот живот на верата: не сме Му поверувале на Бога во она на што треба да почива нашиот нов живот — дека Бог нè прима и оправдува преку Христос, Кој умрел за нас, и дека можеме целосно да Му се довериме дури и кога тоа нам ни изгледа невозможно. Таквиот пристап не е вера — а без вера не можеме ниту да ја примиме Божјата праведност, ниту да живееме според неа. Не можеме да одиме со Бога; не можеме да се потпреме на Него; не веруваме дека ќе нè држи — и затоа не Му се предаваме да нè однесе онаму каде што Тој сака да бидеме. Заглавени сме онаму од каде што се обидуваме да избегаме со свои сили. Остануваме робови на гревот преку нашето неверие — гревот сè уште владее над нас затоа што сè уште не сме се предале со вера на Оној Кој ни дава сила да го победиме.
Од таа причина нашата задача е да Му се предадеме целосно: не како изговор, туку како почеток на слободата. Нема повеќе да остануваме робови на сомнежот, туку деца што чекорат по вера, и како што е речено, не затоа што ниту еденпат не паѓаат, туку затоа што секогаш имаат каде да станат — во Него.
- Изреки 24:16 — „Зашто праведникот паѓа седум пати, и пак станува; а безбожните ќе паднат во несреќа.“
- Псалм 37:23–24 — „Чекорите на добриот човек се утврдуваат од Господа; и Тој се радува на неговиот пат.
²⁴ Иако падне, нема да биде сосема соборен; зашто Господ го придржува со Својата рака.“ - Михеј 7:8 — „Не радувај се над мене, непријателке моја; кога ќе паднам, ќе станам; кога седам во темнина, Господ ќе ми биде светлина.“
- 1 Јованово 2:1 — „Дечиња мои, ова ви го пишувам за да не грешите. А ако некој згреши, имаме Застапник кај Отецот, Исус Христос Праведниот.“
- 1 Јованово 1:9 — „Ако ги исповедаме нашите гревови, Тој е верен и праведен да ни ги прости гревовите и да нѐ очисти од секоја неправедност.“
- Римјаните 5:3 — „И не само тоа, туку се радуваме и во неволјите, знаејќи дека неволјата создава трпение;“
(неволјата, кога ја поминуваме со вера, создава истрајност.)
Leave a Reply